По повод Светскиот ден на извидништвото, вчера во Велес по четврти пат се одржа традиционалната крводарителска акција, уште еднаш потврдувајќи дека хуманоста и солидарноста се вредности кои се негуваат и пренесуваат меѓу генерациите.
Акцијата беше во организација на Црвен крст на РСМ – Општинска организација Велес и Извидничкиот одред „Димитар Влахов“. На настанот беа дарувани вкупно 45 крвни единици, со што значајно се придонесе кон обезбедување на потребните резерви за пациентите на кои им е неопходна крв.
Особено радува податокот што петмина дарители за првпат даруваа крв и со тоа станаа дел од, како што велат организаторите, најхуманото семејство во државата. Токму ваквите примери се доказ дека свеста за значењето на крводарувањето постојано расте, особено кај младите.
Во реализацијата на акцијата директно учество зедоа претставници од Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст – Велес, членови на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, како и екипа од Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, која стручно ја спроведе постапката на дарување.

















