Инспекторатот наложи нови проверки во биогасната централа кај Градско поради жалби за смрдеа

Државниот инспекторат за животна средина наложи дополнителни проверки во биогасната централа „Вардар Биопроцес“ кај Градско, откако жителите на населбата Стопанство и дел од Градско со месеци се жалат на неподнослива смрдеа. По вонредниот надзор извршен минатиот месец инспекторатот бара да се утврди дали во воздухот има загадувачки материи како резултат на фугитивни емисии – испарувања што може да се јават при трансфер, ракување или протекување од опремата.

„При вонредниот надзор се констатираше дека е потребно да се утврди присуството на загадувачки материи во околината од фугитивните извори на емисија од вршење на дејноста – производство на електрична енергија од биомаса. Треба да се изврши оцена на можните влијанија од активностите кои создаваат фугитивни емисии во животната средина, од чии наоди ќе зависи дали ќе биде потребно да се спроведат дополнителни мерки на заштита”, рече Билјана Шуркова Манаскова, државен инспектор за животна средина.

Agria

Жителите на населбата Стопанство и дел од Градско тврдат дека веќе две години живеат со силна непријатна миризба и наплив на инсекти од биогасната централа во нивна близина, што сериозно им го нарушува секојдневието и здравјето. Тие се жалат на проблеми со дишните патишта, главоболки и воспаленија, а за да се заштитат, летните вечери ги минуваат со затворени врати и прозорци.

Од компанијата, пак, негираат дека непријатниот мирис потекнува од нивниот погон. Оттаму тврдат дека редовно се врши лабораториски проверки на емисиите и загадувачките материи во воздухот. Според нив, сите резултати од акредитирани лаборатории покажуваат дека нема надминување на дозволените гранични вредности. Додаваат дека работниот режим е ист и во текот на денот и ноќта, па смрдеата што се јавува навечер не може да биде од нивната централа. Одлуката дали ќе бидат потребни дополнителни мерки за заштита ќе зависи од резултатите на најавените анализи.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: