ЈКП „Дервен“ одговори на наводите на советникот Јованче Манасков: Водата во Велес е исправна и безбедна за пиење

derven

По објавата на советникот во Советот на Општина Велес, Јованче Манасков, во која тој изнесе тврдења за состојбата со дел од водоводните системи во општината и побара итни анализи на водата, одговорија од ЈКП „Дервен“.

Zito baner

Од јавното комунално претпријатие велат дека водата која се пласира во водоводната мрежа е под редовна контрола и ги исполнува законските стандарди. Во одговорот наведуваат дека процесот на преработка на водата се одвива во Фабриката за вода преку повеќе фази, како и дека редовно се вршат физичко-хемиски и микробиолошки анализи.

Agria

Од ЈКП „Дервен“ посочуваат и дека дел од водоводните системи наведени во изјавата на Манасков не се под нивно одржување, а за водоводот во село Иванковци велат дека жителите не им дозволуваат пристап за одржување и контрола.
„Најодговорно тврдиме и ги уверуваме граѓаните дека водата од водоводниот систем е исправна и безбедна за пиење“, наведуваат од ЈКП „Дервен“.
Одговорот на ЈКП „Дервен“ во целост:

Почитувани,

Водата што ЈКП Дервен ја пласира во водоводната мрежа од која велешани се снабдуваат со вода за пиење се контролира редовно и согласно законските норми. Сировата вода се зафаќа од хидросистемот Лисиче и се доведува до Фабриката за вода каде што мине низ процес на преработка во неколку фази. За јавноста да биде подобро информирана и спокојна во поглед на квалитетот на водата за пиење во Велес сакаме да објасниме дека за разлика од други градови каде водата само се хлорира пред да се пушти во водоводната мрежа, во нашата општина таа се одведува во Фабриката за вода каде мине низ следните фази на преработка:

1. Примарна дезинфекција и оксидација
Во суровата вода се става озон (оксидација) и хлор што служат за уништување на микроорганизмите, бактериите и останатите вируси што можеби се присутни во водата.
2. Коагулација и флокулација
Сировата вода секогаш содржи цврсти честички, кои треба да се отстранат.
Коагулацијата е првиот процес и тој вклучува додавање на алуминиум сулфат во суровата вода. Моќни миксери ја мешаат оваа состојка во водата за период од околу 20 до 30 секунди, што предизвикува дестабилизација на цврстите честички.
Флокулацијата е групирање на дестабилизираните честички кои формираат потешки видливи честички нарачени „флок“. Овие честички стануваат се поголеми и потешки.
3. Седиментација (таложење)
Седиментацијата е најстариот познат метод за прочистување на водата и се користи веќе неколку илјадници години. Водата бавно тече во големи резервоари за таложење (таложници). Цврстите честички се таложат на дното на резервоарот каде формираат талог. Потоа талогот се отстранува од резервоарите.
4. Озонирање
Ретко кој град во Македонија вклучува процес на озонирање при преработката на водата за пиење.
По процесот на седиментација водата повторно се дезинфицира со помош на озон за да се постигне најголем степен на чистота на водата. Со овој процес се подобрува мирисот и вкусот на водата.
5. Филтрација
По процесот на озонирање, водата влегува во одделот со филтри, каде тече низ брзи гравитациски песочни филтри од фин кварцен песок. Преостанатите цврсти честички се отстрануваат со оваа фаза од процесот.
6. Дезинфекција со хлор
По процесот на филтрирање, водата се собира во резервоари за чиста вода каде се врши дезинфекција со мали количини хлор за да се обезбеди заштита на веќе прочистената вода од можно загадување во водоводната мрежа.
7. Третман со гасена вар
Пред водата да влезе во водоводната мрежа се додава гасена вар за да се подобри pH вредноста на водата за пиење. Така добиваме чиста и хигиенски исправна вода за пиење.

Во поглед на анализирањето на водата за пиење сакаме да ја информираме јавноста дека во нашата сопствена лабораторија примероци на сирова вода (на влез во Фабриката за вода) и финална вода (вода што се дистрибуира до корисниците) се тестираат на секој изминат час, а секојдневно се вршат и 3-4 анализи на водата од градската водоводна мрежа.

Досега не се случило да се пласира неисправна вода во водоводниот систем.
Од страна на акредитирана лабораторија сировата и финалната вода се анализираат секоја седмица со земање на примероци од повеќе локации. Сите досегашни физичко-хемиски испитувања на водата покажуваат дека таа е исправна и безбедна за пиење.

Од страна на Институтот за јавно здравје се врши проширена физичко-хемиска анализа 3-4 пати во годината, при што не само што се проверува бактериолошката и хемиска состојба на водата за пиење, туку се врши и проширена хемиска анализа за проверка дали во водата има присуство на тешки метали. Од страна на овој институт еднаш годишно се врши и радиолошка анализа на водата за пиење и анализа за присуство на трихалометани. Сите досегашни физичко-хемиски испитувања на водата покажуваат дека таа е исправна и безбедна за пиење.

Селските водоводи кои не се приклучени на градскиот водоводен систем, а кои се дадени на одржување на ЈКП Дервен се одржуваат со хлорирање на водата. Во изјавата на советникот Манасков наведени се водоводни системи кои не му се дадени на ЈКП Дервен за одржување. Жителите на с. Иванковци пак не му дозволуваат на ЈКП Дервен пристап до водоводниот систем во нивното село за да може да се одржува селскиот водовод и се додека не се овозможи пристап ние не можеме да ја гарантираме безбедноста на водата за пиење.

Изјавата на советникот Манасков има за цел да собере ситни политички поени и да го наруши угледот на Јавното комунално претпријатие Дервен без притоа да покаже совест и свест дека може да предизвика страв и паника кај граѓаните на општина Велес, за што ќе поведеме соодветна постапка согласно Закон. Најодговорно тврдиме и ги уверуваме граѓаните дека водата од водоводниот систем е исправна и безбедна за пиење.
Со почит,
ЈКП Дервен

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: