Вистински хорор доживеал 50-годишен велешанец додека го шетал своето куче на улицата на која живее. Во неделата, на улицата „Живко Фирфов“ во Велес, тој и неговиот миленик биле нападнати од куче од расата „стафорд“, кое, како што дознаваме, е во сопственост на негови соседи.
Во нападот повредени биле и сопственикот и неговото куче. Според пријавеното, само малку фалело неговиот миленик да биде посериозно повреден, а самиот тој да се здобие со поголеми повреди.
Од СВР Велес го потврдија случајот. Според информациите од полицијата, на 29.06.2026 во 09:30 часот во СВР Велес, Р.А.(50) од Велес пријавил дека на улица „Живко Фирфов“ бил нападнат заедно со неговиот миленик од куче од расата „стафорд“, сопственост на 34-годишната А.М. од Велес.

Од нападот, велешанецот се здобил со телесни повреди кои биле констатирани во Општата болница Велес, додека неговото куче имало неколку угризи.
За случајот бил известен јавен обвинител, а од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.






















