Крадец пустошел еден и пол месец: Жители на „Лазо Трпковски“ бараат реакција

Жители на велешката улица „Лазо Трпковски“ живеат во страв и неизвесност, откако, како што тврдат, веќе речиси еден и пол месец крадец пустоши низ куќите и становите во овој реон, одземајќи пари и злато од повеќе семејства.

Според жителите, станува збор за серија кражби кои сериозно ја нарушиле безбедноста и чувството на сигурност во населбата. Еден од оштетените сопственици, Бојан Стојанов, вели дека крадецот со иницијали Љ.Ј. (36), за кого постојат сомнежи дека е поврзан со повеќе вакви случаи, е уапсен од полицијата а потоа пуштен на слобода, што дополнително го зголемило стравот кај граѓаните.

Agria

Стојанов посочува дека и неговиот дом бил мета на, како што вели, „немилиот гостин“, при што биле украдени пари и злато, а стравот за безбедноста на семејството останал.

„Не сакам јас или било кој друг граѓанин да биде доведен во ситуација сам да се брани и потоа да одговара пред суд. Постојат институции кои земаат плата за оваа работа. Ако тие не реагираат навреме, кој ќе сноси одговорност ако нешто посериозно се случи? Апелирам до сите надлежни институции, а особено до судот, да реагираат и крадецот да биде сместен таму каде што му е местото – во затвор“, изјави Стојанов.

Жителите од улицата „Лазо Трпковски“ очекуваат итна и конкретна реакција од надлежните институции за, како што велат, конечно да се стави крај на серијата кражби и да се обезбеди мир и сигурност во нивните домови. Во спротивно, предупредуваат дека чувството на страв и несигурност секојдневно се продлабочува, а одговорноста за евентуалните последици не смее да падне врз граѓаните.

Во меѓувреме, од Министерството за внатрешни работи информираа дека на 5 јануари 2026 година, околу 17:30 часот, полициски службеници го лишиле од слобода Љ.Ј. (36) од Велес, поради основи на сомнение дека сторил повеќе кривични дела „тешка кражба“ на подрачјето на градот. По добиени информации за неговите активности, со судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени пари и предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од извршените кражби.

Од МВР додаваат дека по целосно расчистување и документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.


Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: