Крводарителите од Градско повторно ја покажаа својата хуманост. На традиционалната летна крводарителска акција беа собрани вкупно 98 крвни единици, кои ќе бидат наменети за помош на болни и лица на кои им е потребна крв низ државата.
Акцијата заеднички ја реализираа Црвениот крст на РСМ – Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје. Во организацијата и реализацијата на акцијата директно беа вклучени шест волонтери од Основната организација на Црвениот крст од Градско.
Од Црвениот крст упатија благодарност до сите крводарители и волонтери кои со својата хуманост придонесоа акцијата да биде успешно реализирана.





















