Жири-комисијата во состав Весна Димитровска Бобевски, Кети Борисовска и Пеце Ристевски ги донесе одлуките за најуспешните остварувања на годинашното издание на ФАД „Стоби“. Гран при за најдобра претстава ѝ припадна на „Лисистрата“, во продукција на Народното позориште „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија.
Признанието за најдобра главна женска улога го доби Јелена Жугиќ, додека наградата за најдобра главна машка улога му припадна на Александар Степанулески. Двајцата се членови на Драмскиот театар Скопје, а признанијата ги добија за улогите во претставата „Падот на Масада“.
Наградата за најдобра режија ја освои Дејан Пројковски за режијата на „Падот на Масада“, во продукција на Драмски театар Скопје.
Признанијата ќе им бидат врачени на добитниците на завршната фестивалска свеченост. По доделувањето на наградите, во чест на наградените ќе биде изведена претставата „Сите прекрасни нешта“, во продукција на Народниот театар Штип.
Со вечерашната свеченост и изведбата на претставата ќе биде затворено уште едно издание на ФАД „Стоби“, фестивал кој низ својата програма продолжува да ја негува традицијата на поврзување на античката драмска литература со современиот театарски израз.























