Манасков отвори прашање за квалитетот на водата во Велес: Бара вонредни анализи на сите водоводи

Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Велес поднела иницијатива на следната седница на Советот да се отвори расправа за квалитетот на водата за пиење и состојбата со водоснабдителните системи во општината, информираше советникот Јованче Манасков преку објава на својот Фејсбук профил.

Zito baner

Во објавата, Манасков наведува дека додека градот Велес се снабдува со вода од Хидросистемот „Лисиче“, дел од селските водоводи се под управување на ЈКП „Дервен“, а со други управуваат локални здруженија.

Agria

Според него, водоводите во Новачани, Црквино, Караслари, Сливник, Мамутчево, Иванковци, Сујаклари, Чалошево-Дурутовец, населба Порцеланка и Отовица се предадени на управување на ЈКП „Дервен“, додека со водоводите во Башино Село, Кумарино и Раштани управуваат локални здруженија.

Манасков во објавата посочува дека, според извештаи од Центарот за јавно здравје – Велес, кај дел од водоводните системи се утврдени проблеми со квалитетот на водата. Тој наведува дека во одредени водоводи има појава на ешерихија коли, колиформни бактерии и отсуство на резидуален хлор.

„Бараме итно и неодложно да се изврши вонредна анализа на сите водоводи без исклучок и да се утврди физичко-хемиската и микробиолошката исправност. Не е важно само кој ќе одговара, важно е на граѓаните да им се гарантира уставно загарантираното право на чиста и безбедна вода за пиење“, пишува Манасков.

Тој информира дека советничката група на СДСМ поднела иницијатива до претседателот на Советот на Општина Велес, од кого бара да ја проследи до градоначалникот на Општина Велес.

Со иницијативата се бара на седница на Советот да се расправа за состојбата со водоснабдувањето, преземените мерки од Општина Велес и ЈКП „Дервен“, како и да се разгледа прашањето за сите водоводи на територијата на општината.

„Бараме од претседателот на Советот на општината да ги проследи до градоначалникот, а градоначалникот да не ги игнорира нашите барања и да ги прифати нашите предлози“, наведува Манасков.

Во иницијативата се бара и итно спроведување на вонредна физичко-хемиска и микробиолошка анализа на сите водоводи на територијата на Општина Велес.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: