Спортската сала „Гемиџии“ во Велес е во фаза на реконструкција, со која треба да се подобрат условите за велешките спортисти и за одржување натпревари и спортски настани.
Денеска увид во градежните работи извршија министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Велес Марко Колев.
Според информациите од Министерството за спорт, вкупната вредност на проектот изнесува 22.900.000 денари. За првата фаза Министерството за спорт обезбедило 15.690.000 денари, додека Општина Велес за втората фаза обезбедува 7.200.000 денари.

Со реконструкцијата се опфатени водоводната и електричната инсталација, санитарните јазли, соблекувалните, како и санација на делови од архитектурата.
Од Општина Велес информираат дека со овие активности се решаваат суштински проблеми кои со години го отежнувале функционирањето на спортската сала.
„Гемиџии“ наскоро треба да добие подобри услови за спортистите, како и за одржување натпревари и спортски настани.
Во следниот период, како што информираат од Општината, ќе се направат напори да се обезбедат средства и за замена на подот и обнова на трибините.
Министерот Ристовски посочи дека реконструкцијата претставува вложување во спортската инфраструктура и во новите генерации велешки спортисти, кои треба да имаат современи услови за тренинг и натпревари.























