Во петок, на 25 јули 2025 година, во селото Мелница, Општина Чашка, по трет пат ќе се одржи културно-забавниот настан „Мелнички средби 2025“. Настанот, кој веќе прераснува во традиција, има за цел повторно да ги поврзе мелничаните – и оние кои живеат во родното село, и оние кои се иселиле ширум светот.
Организатори на манифестацијата се Здружението на граѓани за граѓански иницијативи „МЕЛ – МЕЛ 2023“ од Мелница, во соработка со здружението „МАК–МЕЛ“ од Швајцарија и Германија. Настанот е поддржан од Општина Чашка, што дополнително ја нагласува важноста на локалните иницијативи и културното наследство на регионот.
Ова издание на „Мелнички средби“ ќе понуди богата програма, а за забавниот дел ќе се погрижат популарната фолк-пејачка Сузана Гавазова и Група Кисми, кои ветуваат вечер исполнета со музика и забава.
За сите кои нема да можат да присуствуваат физички, организаторите се погрижија настанот да биде достапен и онлајн. Преку директен пренос, во продукција на Live Streaming Production, „Мелнички средби 2025“ ќе може да се следи во живо, каде и да се наоѓаат љубителите на овој настан.