Премиерот Христијан Мицкоски денеска престојуваше во работна посета на Велес, каде заедно со министерот за транспорт Александар Николоски изврши увид на повеќе инфраструктурни проекти што се реализираат во Општина Велес со поддршка од Владата.
Во придружба на пратениците Игор Здравковски и Александар Јамалов, како и претставници на локалната самоуправа, делегацијата најпрво ја посети улицата „11 Октомври“, каде што е во тек реконструкција на коловозот. Потоа беше извршен увид и на реконструираната улица „Васил Главинов“, каде градежните работи веќе се завршени.
Во рамки на посетата, Мицкоски беше и во Чалошево, каде беше најавен почетокот на реконструкцијата на патниот правец Велес – Чалошево – Дорутовец. Според најавите, ќе се реконструира делница долга повеќе од 3,6 километри.
Од Општина Велес информираат дека, покрај овие активности, обезбедени се средства за реализација на уште дванаесет инфраструктурни проекти. Дел од нив се веќе завршени, дел се во тек, а останатите ќе започнат во наредниот период.






















