Мирјана Петрушевска Савова: Општина Велес донесе одлука за зголемување на надоместокот за престој на децата во ОЈУДГ „Димче Мирчев“ — од 1.490 денари на 1.990 денари

Се зголемува надоместокот за престој на децата во градинката „Димче Мирчев“. Како што соопшти Мирјана Петрушева Савова од СДСМ преку интегрално соопштение до медиумуте,  мнозинството во Советот на Општина Велес донел одлука за зголемување на надоместокот за престој на децата во ОЈУДГ „Димче Мирчев“ — од 1.490 денари на 1.990 денари. Тоа, според Савова, е зголемување од речиси 35%, без сериозна јавна расправа, без социјална анализа и без чувство за реалната економска состојба во која се наоѓаат граѓаните.

Во продолжение ви ја пренесуваме интегралната писмена изјава на советничката на СДСМ во Советот на Општина Велес, Мирјана Петрушевска Савова.

Agria

Почитувани граѓани,
Како советник во Општина Велес имам обврска и морална одговорност навремено и јасно да ја информирам јавноста за одлуките кои директно удираат по животниот стандард на граѓаните. За жал, повторно сме сведоци на уште едно поскапување кое најтешко ги погодува младите семејства и родителите.
Овој пат, мнозинството во Советот на Општина Велес донесе одлука за зголемување на надоместокот за престој на децата во ОЈУДГ „Димче Мирчев“ — од 1.490 денари на 1.990 денари. Тоа е зголемување од речиси 35%, без сериозна јавна расправа, без социјална анализа и без чувство за реалната економска состојба во која се наоѓаат граѓаните.
Ова не е изолиран случај. Напротив, станува збор за трето поскапување во рок од само еден месец. Претходно беше покачена цената на такси превозот, а потоа се промени и методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, со што директно се зголемува данокот на имот за новите поднесители каде цената за метар квадратен според која се пресметува данокот се пресметува од 120 евра за метар квадратен на 300 евра. Сето ова укажува на јасен тренд: товарот на финансиските проблеми се префрла исклучиво врз грбот на граѓаните.
Со право се поставува прашањето — дали ваквите поскапувања беа дел од предизборната програма на мнозинството во Советот и на актуелниот градоначалник? Дали граѓаните гласаа за повисоки давачки, поскапи услуги и зголемени трошоци за основни животни потреби? Или, пак, повторно сме сведоци на класична пракса во која ветувањата завршуваат веднаш по изборите, а реалноста станува сè потешка за обичниот човек?
Дополнително, ваквите одлуки отвораат и пошироко, загрижувачко прашање — дали економијата во државата, но и локално, полека но сигурно влегува во надолен курс? Наместо мерки за олеснување на животот, гледаме низа одлуки кои создаваат дополнителен притисок врз семејните буџети, без јасна стратегија, без визија и без социјална чувствителност.
Граѓаните заслужуваат отчетност, транспарентност и политики во нивна корист, а не континуирани поскапувања кои го подриваат нивното достоинство и егзистенција.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: