По повод големиот христијански празник Божик, Митрополитот Повардарски г. Агатангел упати обемно и длабоко духовно послание до верниот народ, во кое ја истакна суштината на Христовото раѓање како настан што засекогаш го преобразува човештвото и му дава надеж, смисла и вечност.
„Денес Господ Бог изобилно ја излеа Својата благодат, во секое кротко и смирено срце овери печат од Неговата божествена светлина“, порачува Митрополитот, нагласувајќи дека Христовото раѓање се случува тивко и смирено, далеку од светската бучава, но со космичко значење.
Тој потсетува дека во витлеемската пештера, во сиромашни јасли, „Словото Божјо стана тело и се всели меѓу нас“, со што, како што вели, „човештвото повеќе не е оставено само на себе“, зашто Бог го исполнил Своето древно ветување.
Во посланието се истакнува дека Божик не е само историски настан, туку живо присуство на Бога во светот и во човекот.
„Не постои ништо почудесно и подостоинствено за човекот од она што денес се случи во Витлеем“, вели г. Агатангел, посочувајќи дека во рацете на Пресвета Богородица се нашла неискажлива божествена тајна што го облагородува целото создание.
Обраќајќи им се на верниците, Митрополитот подвлекува дека со Христовото раѓање вселената станува храм, а мирот – условен со добрата волја на луѓето.
„Од сега па натаму, ако има добра волја меѓу луѓето, на земјата ќе царува мирот“, порачува тој, додавајќи дека секој што ќе ги живее Христовите пораки ќе се соедини со Бога и ќе се преобрази по благодат.
Посебен акцент во посланието е ставен на одговорноста на човекот и на народот.
„Големи почести незаслужено сме добиле, но уште поголема е нашата одговорност да ги оправдаме“, предупредува Митрополитот, посочувајќи дека преку делата и постапките на луѓето Бог станува видлив во светот.
Обраќајќи им се на Македонците, г. Агатангел потсетува на богатото духовно и историско наследство и повикува на враќање кон примерите од минатото.
„Ние Македонците имаме богата и славна историја… доволно е да се осврнеме на животот и делата на нашите славни сонародници“, нагласува тој, истакнувајќи дека токму од тој извор можат да се црпат сила, утеха и духовна стабилност.
Во таа насока, посебно место е посветено на одбележувањето на 100-годишнината од замонашувањето на блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј.
„Неговата визија, храброст и упорност го сменија текот на поновата македонска историја“, истакнува Митрополитот, повикувајќи верниот народ да ја усвои неговата вера и да биде достоинствен сведок на своето време.
Во завршницата на посланието, Митрополитот Повардарски упати повик за зачувување на мирот, правдата и љубовта во секојдневниот живот.
„Чувајте го мирот со кој денеска се украсивме и кој Новородениот Спасител трајно ни го остави во наследство“, порача тој, повикувајќи на истрајност во молитвата, благодарност и милосрдие.
Посланието завршува со силна божикна радост и сведоштво на верата:
„Радувај се вселено, зашто Христос се роди! Христос се роди – навистина се роди!“





































