Писателот Наум Пановски е добитник на највисокото Рациново признание на годинашните 63. Рацинови средби за делото „Коста Солев Смртопис“, одлучи тричлената комисија составена од проф. д-р Искра Шелева, проф. д-р Лорета Ѓеорѓиевска Јаковлева и проф. д-р Марија Ѓорѓиева Димова.
Комисијата го избра делото на Пановски меѓу 25 пристигнати книги кои конкурираа за престижната награда што го носи името на великанот Коста Солев Рацин.
Во образложението се наведува дека „Коста Солев Смртопис“ не е само книжевен запис, туку длабоко и достоинствено сведоштво за животот, идејата и вечноста на Рацин. Според оценката на комисијата, низ страниците на книгата ликот на поетот не е претставен како историски спомен, туку како жив глас кој и денес потсетува на борбата за правда, човечност и достоинство.
Свеченото врачување на признанието ќе се одржи во понеделник, на 15 јуни, во Велешкиот театар со почеток во 20 часот.






















