Добри вести за Велешкото Езеро. Најновите лабораториски анализи на Хидробиолошкиот завод од Охрид покажуваат дека водата во акумулацијата Младост е во умерено добра, мезотрофна состојба, без детектирано присуство на цијанобактерии.
Примероците биле земени на 2 септември од Плажа Романтик и Градска плажа. На двете локации измерено е умерено количество фитопланктонска биомаса, а доминирале зелени, харофитни и силикатни алги.
За разлика од претходните анализи, кога биле регистрирани цијанобактерии од родовите Dolichospermum и Lyngbya, во најновите примероци не се утврдени вакви бактерии, па во моментот не се очекува присуство на цијанотоксини.
Сепак, стручњаците препорачуваат редовен мониторинг, бидејќи состојбата може да се промени во зависност од температурата и нутритивните услови во водата.






















