Со премиерата на црната комедија „НОНА“, велешкиот Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во петок, 11 септември, ја отвора новата театарска сезона. Претставата, според текстот на познатиот аргентински драмски автор Роберто Коса, ќе започне во 20 часот, а режијата е на Дамјан Костовски.
„НОНА“ е дело кое со децении се поставува на светските сцени, а во Велес добива ново сценско читање и современа интерпретација.
Во насловната улога настапува Фаик Мефаилоски, а во претставата играат и Кире Ацевски, Благојчо Стојанов, Кети Борисовска, Васил Зафирчев, Славица Манаскова и Талија Ѓорѓиева. Авторскиот тим го сочинуваат драматургот Катерина Момева, сценографот Филип Коруновски, костимографката Марија Пупучевска и кореографката Кренаре Невзати Кери.
Режисерот Дамјан Костовски во својата работа се насочува кон современи сценски читања и истражување на односот меѓу човекот, општеството и театарот. Меѓу неговите режисерски остварувања се „Пијани“ по текст на Иван Вирипаев, „Спасени“ по Томислав Зајец и „Казабалкан“ според Горан Стефановски.
Со „НОНА“, велешкиот театар најавува сезона во која познатата црна комедија ќе добие нова перспектива пред домашната публика.






















