На Одделението за очни болести при Општата болница Велес започнаа да се изведуваат операции на катаракта со современа Phaco метода и вградување на интраокуларна леќа.
Операциите ги изведува прим. д-р Бисера Велковска од Универзитетската клиника за очни болести, заедно со тимот на Одделението за очни болести при велешката болница.
Во тимот учествуваат и д-р Елеонора Јованова Пепелашева, д-р Теона Велковска, сестрите Весна Најдова и Љубица Тодоровска, како и инструментарките Тамара, Мелани и Марија.

Од Општата болница Велес посочуваат дека воведувањето на овие операции претставува чекор напред, а за пациентите значи дека потребната грижа сега им е достапна поблиску, во нивниот град.
Катарактата најчесто се препознава преку постепено заматување на видот и потешкотии при извршувањето на секојдневните активности. Од болницата советуваат доколку се забележат вакви промени, да се направи офталмолошки преглед.
„Зад секоја операција стои еден пациент, едно семејство и една желба – повторно да се гледа појасно“, порачуваат од Општата болница Велес.























