Родителите во Велес од 1 февруари ќе се соочат со повисок месечен надоместок за престој на нивните деца во детските градинки. Со одлука донесена на Советот на Општина Велес, цената е зголемена од досегашните 1.490 на 1.990 денари, што претставува пораст од 33,6 проценти.
Како што образложи директорката на детската градинка „Димче Мирчев“, Наташа Јанушева, зголемувањето на цената е неминовно поради енормниот раст на трошоците, пред сѐ за храна, затоплување и тековно одржување на објектите. Според неа, досегашната цена не ги покривала реалните расходи, што создавало финансиски притисок врз установата иако досега работеле позитивно.
Одлуката за поскапување не помина без реакции. Дел од опозициските советници на седницата изразија незадоволство и побараа одложување на мерката, најмалку до почетокот на новата учебна година, со цел да им се излезе во пресрет на родителите и семејствата со повеќе деца.
И покрај противењето, мнозинството советници ја изгласаа одлуката, па повисоката цена ќе започне да се применува од почетокот на февруари, што дополнително ќе го оптовари семејниот буџет на многу велешки родители.

















