Советот на Општина Велес на денешната седница со 16 гласа „за“ го усвои буџетот на општината за 2026 година. Вкупниот буџет изнесува 1.636.249.767 денари, додека основниот буџет е во висина од 807.863.424 денари, што претставува најголем буџет во историјата на Општина Велес.
Буџетот за 2026 година се носи по година која, според податоците, е завршена со високо ниво на реализација и бројни реализирани проекти. Со новиот буџет се најавува продолжување на активностите со засилено темпо, во соработка со Советот на општината и општинската администрација, при што ќе се земаат предвид потребите и предлозите на граѓаните.
Посебен акцент е ставен на културата, со најави за организирање бројни културни манифестации во текот на целата година, поддршка на традициите и развој на нови културни содржини, со цел Велес да го задржи статусот на град на културата.
Во буџетот се предвидени и средства за континуирани инвестиции во спортот и спортските клубови, како и за поддршка на децата, младите и ранливите категории граѓани. Дел од средствата се наменети и за подобрување на јавната хигиена и заштитата на животната средина, преку набавка на нова опрема за комуналното претпријатие и подигнување нови зелени површини.
Подобрувањето на патната и подземната инфраструктура останува меѓу клучните приоритети, а за 2026 година се планира реализација на повеќе капитални проекти, меѓу кои изградба на подземна катна гаража и плоштад, реконструкција на спортската сала „Гемиџии“ и Противпожарниот дом, како и изградба на нов мост кај Башино Село.
Градоначалникот Колев ветува посветена и макотрпна работа, искрени заложби за уште поубав Велес, Велес за сите нас!

















