Во дворот на СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ во Велес денеска се одржа показна симулациска вежба во рамки на кампањата „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“, со цел подигнување на свеста за опасностите од несовесната употреба на пиротехнички средства.
Преку реалистична симулација беа прикажани две тешки повреди – ампутација на прсти и сериозна повреда на око – како последица од користење пиротехника. Со ваквиот пристап, организаторите настојуваа на младите директно да им ги доближат реалните ризици и трајните последици што можат да настанат.

Вежбата беше реализирана во соработка меѓу Министерството за внатрешни работи – СВР Велес, Отсекот за превенција, обучен тим за прва помош при Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Велес, како и Итната медицинска помош.
Настанот имаше едукативен карактер и беше насочен кон промовирање на превенцијата, безбедното однесување за време на празниците и значењето на навременото и правилно укажување прва помош, особено кај младата популација.

















