Полициски службеници од СВР Велес привеле четири лица од село Бузалково, откако на место викано „Бреза“, во атарот на селото, биле пронајдени и одземени оружје и поголемо количество муниција.
Настанот се случил на 25 јануари 2026 година околу 15:10 часот, кога полицијата ги лишила од слобода З.С.(57), З.С.(27), М.С.(23) и М.Ј.(41). При преглед на трактор управуван од 57-годишниот З.С., биле пронајдени ловечка пушка и три патрони. Потоа бил извршен преглед и на патничко возило „лада нива“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 27-годишниот З.С., во кое сопатници биле М.С. и М.Ј., при што биле пронајдени и одземени уште 16 ловечки патрони и други предмети.
Следниот ден, на 26 јануари, со судска наредба, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес извршиле претрес во домот на 57-годишниот З.С., каде биле пронајдени резервна цевка за ловечка пушка и дозвола за оружје. Претрес бил извршен и во домот на М.С., при што бил откриен вистински арсенал: репетирачко долго огнено оружје „Mossberg“, полуавтоматско кусо огнено оружје „Zastava“, полуавтоматско долго оружје „Browing“, карабинска муниција, 188 парчиња пиштолска муниција, 68 парчиња ловечка муниција, пневматско оружје „Hatsan“, како и дозволи и потврди за пријавено оружје, дел од нив на име на друго лице од селото.
За настанот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

















