Потребата од побрзо решавање на оставинските предмети и совладување на големиот прилив на нови случаи беше во фокусот на заедничките разговори меѓу Основниот суд Велес и нотарите од подрачјето. Нагласено беше дека мора да продолжи трендот на навремено постапување со цел да се намали бројот на старите нерешени предмети и да се задржи ажурноста на судот.
Ова беше една од главните теми на работниот состанок што се одржа на 04.11.2025 година во Основниот суд Велес, на кој присуствуваа претседателката на судот Валентина Ѓорѓиевска, претседателката на граѓанскиот оддел судијка Дара Арсова и нотарите Тања Аспорова, Елеонора Андреев, Магдалена Ордева, Душко Јованов, Анида Цецева и Радица Хаџи Петрушева Арсовска.
Разгледана беше и состојбата што произлезе по престанокот на вршење нотарска служба на нотар Елена Мартинова од Велес, чиј дел од предметите беа распределени кај друг нотар. Присутните дискутираа за објективните можности тие предмети да се решат навреме, особено со оглед на краткиот период до крајот на годината и потенцијалното влијание врз ажурноста на судот.
Состанокот заврши со заеднички предлог да се организираат почести работни средби меѓу нотарите и судот, со цел размена на мислења и надминување на практичните проблеми во постапките за расправање оставина. Целта, како што беше заклучено, е поефикасно и побрзо спроведување на сите започнати оставински постапки.


















