Пожар избувнал во текот на ноќта во селото Смиловци, општина Чашка, при што биле зафатени стари и напуштени плевни и помошни простории.
Според информациите од Територијалната противпожарна единица Велес, дојавата за пожарот била примена во 02:07 часот на 26 август. На терен веднаш биле упатени две противпожарни возила со шест пожарникари-спасители.
По пристигнувањето, пожарот бил затекнат во развиена фаза, со големи жаришта во старите и напуштени плевни. Благодарение на брзата интервенција на велешките пожарникари, огнот не се проширил кон останатите куќи во селото.
Поради големите жаришта и потребата од дополнителни количества вода, била побарана цистерна од ЈКП „Тополка“ од Чашка, која се приклучила во интервенцијата.
И СВР Велес го потврди настанот. Од таму информираат дека пожарот бил пријавен и на 25 август околу 22 часот. Според пријавата, во село Смиловци настанал пожар на помошни простории сопственост на Б.П. (53) од Велес. Во пожарот целосно изгореле кровот на плевната, помошна просторија со предмети складирани во неа, како и огревни дрва.
Повредени лица нема. Во гаснењето, покрај пожарникарите од ТППЕ Велес, учествувало и локалното население. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.






















