Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Велес синоќа околу 21 часот го изгаснале пожарот во месноста Прцорек, кај базенот за вода, по тричасовна борба со пламените јазици.
Од ТППЕ Велес информираат дека во 17:50 часот добиле дојава за задимување на местото. Една екипа со противпожарно возило веднаш била упатена на терен, но по пристигнувањето било утврдено дека пожарот бил во развиена фаза, поради што била побарана дополнителна помош.
На терен пристигнало уште едно противпожарно возило со дополнителна екипа. Пожарот бил локализиран и целосно изгаснат околу 21 часот, при што било спречено негово понатамошно ширење.
Од ТППЕ Велес упатуваат апел до граѓаните да не палат оган на отворен простор.
Доколку забележат пожар, граѓаните треба веднаш да се јават на бесплатните телефонски броеви 193 или 112.






















