Жителите на велешката населба Превалец денеска останаа без електрична енергија цели 13 часа, реагираат револтирани граѓани. Прекинот на струјата започнал во раните утрински часови, околу 5 часот, а електричната енергија била повторно воспоставена дури околу 18 часот.
Граѓаните се жалат дека никој навреме не ги информирал дека ќе има долг прекин на струја, поради што, како што велат, им се расипале голем дел од замрзнатите прехранбени производи кои ги чувале во ладилниците и замрзнувачите.
„Храната ни се расипа бидејќи немаше струја цел ден, а најзагрижувачки е што фамилиите со мали деца останаа и без греење во најстудениот дел од денот“, реагираат жители на Превалец кои ни се јавија во нашата редакција.
Покрај немањето електрична енергија, граѓаните посочуваат дека за време на прекинот не функционирале ниту мобилните мрежи, што дополнително ја отежнало комуникацијата и информирањето. Граѓаните од населбата Превалец апелираат надлежните институции навремено да ги информираат граѓаните за вакви интервенции, за да се избегнат материјални штети и непријатности.

















