Во просториите на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес беше промовирана најновата поетска збирка на Елизабета Бандиловска со наслов „Скршена тишина“. Овој поетски ракопис, кој претставува четврта по ред поетска книга на авторката, беше претставен пред љубителите на пишаниот збор во присуство на промотори д-р Мито Спасевски и м-р Ели Маказлиева.
„Скршена тишина“ е збирка што изобилува со метафори и тајни јазични кодови, во кои секоја песна носи своја уникатна маска. Поетесата умешно успева да ги прикрие аспектите на својот внатрешен свет, оставајќи простор за бројни поетски толкувања и емоционални слоеви. Како што забележуваат рецензентите, книгата провоцира, предизвикува и го разгорува чувството за убавина и комплексност на поетскиот израз.
Во „Скршена тишина“, Бандиловска нуди книжевен и творечки разговорник, отворајќи простор за дијалог меѓу авторот и читателот, меѓу мислата и стихот, меѓу тишината и гласот на поезијата. Поетската реч тука одекнува со многубројни фреквенции, звучни нијанси и длабочини, градејќи разгранет поетски пејзаж.
Елизабета Бандиловска досега ги има објавено збирките „Самовилска сонувалка“ (2017), „Река без брегови“ (2019) и „Здивот на полноќта“ (2019). Таа е член на Друштвото на писателите на Македонија и добитник на државната награда „Гоце Делчев“ за 2015 година.