Околу 40 вработени во подрачната единица Велес на АД „Македонски пошти“ од утринава излегоа на протест поради неисплатена плата за месец декември.
Вработените револтирано реагираат поради доцнењето на платите, но и поради нередовното плаќање на пензиското и здравственото осигурување, што, како што велат, дополнително ја влошува нивната социјална сигурност
Од Синдикалната организација во велешката пошта, претставувана од Горан Манасиев, Бошко Ташевски и Аница Стојановска, посочуваат дека доколку нивните барања не бидат исполнети, протестот ќе прерасне во штрајк.
„Бараме само она што законски ни следува – редовна плата и уредно платени придонеси. Доколку не добиеме конкретен одговор, ќе бидеме принудени да преминеме во штрајк“, велат од синдикатот.
Протестот започна денес во утринските часови, а за време на истиот не се извршуваат никакви работни задачи.

















