Речиси и да нема ден без полицијата во Велес да затекне возач зад волан под дејство на алкохол. Последниот случај е регистриран ноќеска, кога 39-годишен велешанец бил лишен од слобода поради возење во алкохолизирана состојба.
Според информациите од СВР Велес, на 5 јули околу 00:45 часот, при сообраќајна контрола на улицата „Вардарска“, полициски службеници сопреле патничко возило „Опел“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Д.П. (39) од Велес.
При извршеното алкотестирање било утврдено дека возачот имал 1,67 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил лишен од слобода. По насоки на јавен обвинител, Д.П. бил задржан во полициска станица, возилото му било одземено, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
И покрај честите полициски контроли и апелите за одговорно учество во сообраќајот, возењето под дејство на алкохол останува еден од најчестите и најопасни прекршоци на патиштата, со што директно се загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.






















