Денеска, околу 50 работници од Фабриката за шински возила „Колска“, започнаа штрајк поради неизплатени декемвриски плати и регрес за одмор. Работниците, поддржани од фабричкиот синдикат и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, ги повикаа надлежните органи и министерот за сообраќај и транспорт, Александар Николовски, да ги посети и да даде одговор дали ќе добијат плата и здравствено осигурување до завршувањето на процесот на реорганизација на фирмата.
Фабриката за шински возила е во стечајна постапка од декември минатата година, а првото рочиште со доверителите ќе се одржи на 19 март, идниот месец. Работниците од оваа фирма предупредија дека ако до петок не се исполнат нивните барања, од понеделник ќе започнат со блокада на железничкиот сообраќај на Железничката станица во Велес.
Тони Арсовски, претседател на фабричкиот синдикат, истакна дека работниците не ја примиле и декемвриската плата и дека немаат никаква најава за исплата. Арсовски додаде деја ако не добијат плата до петок, штрајкот и ќе продолжи со блокада железничкиот сообраќај.
„Денеска протестот ќе биде во кругот на фабриката, а доколку не ги добиеме парите до петок или понеделник наутро, ќе го блокираме железничкиот сообраќај на станицата во Велес. Владата им нудеше на вработените и на тогашната управителка да потпишат план за реорганизација. Не прифативме, таа даде оставка, па беше именуван нов управник“, рече Тони Арсовски, претседател на синдикатот во велешка „Колска“.
Тој исто така потсети дека вработените во „Колска“ со години се соочуваат со проблеми со неисплатени плати и придонеси. Според него, фабриката има долга историја на штрајкови, бидејќи работниците често се оставени без плати, а сега се на мета на стечај.
„Досега не сме добиле никаква реакција од Владата. Ние сме оставени во неизвесност и без сигурност за нашите права“, нагласи Арсовски. Работниците побараа јасно објаснување од властите за нивната иднина, додека процесот на реорганизација продолжува.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, кој се приклучи на штрајкот, изрази поддршка за работниците и истакна дека односот кон нив е неприфатлив. „Работниците со години се грижеле за одржување на возовите и вагоните, но сега се оставени без плата и без здравствено осигурување“, рече Трендафилов. Тој додаде дека ако не се исплатат платите и регресот за одмор, ССМ ќе поддржи нови протести, вклучително и блокада на железничкиот сообраќај.
„Се лажат ако некој смета дека ќе ја распродава ‘Колска‘ на кој било начин и луѓето ќе бидат без плата, со надеж дека новиот газда, кој ќе ја купи за малку пари, ќе треба со години потоа да ги плаќа заостанатите плати. Ваквиот однос кон вработените кои ја одржуваат железницата во Македонија е неприфатлив. Колегите покажаа дека се истрајни и непоколебливи во борбата за нивните права, очекувам дека тоа ќе го покажат и во овој случај“, рече на денешниот протест Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Во меѓувреме, работниците се пожалија на лошите услови за работа во фабриката, која има скршени прозорци и лоша опрема. Покрај тоа, се соочуваат со недостаток на материјали и делови за поправка на вагони, што го отежнува нивниот труд.
Синдикатите побараа и одговорност од Владата, која е надлежна за реорганизацијата на „Колска“. Работниците го повикаа министерот за сообраќај и транспорт да се појави во фабриката и да им понуди решение за нивната ситуација. Трендафилов предупреди дека не е фер да се остават работниците без плата и со многу години стаж, иако се соочуваат со сериозни проблеми во работата.
Трендафилов додаде дека не може да се распродава фабрика која е изградена со години труд и да се остават работниците без основни права, а очекуваме брзо решение и поддршка од властите.