Со поетски перформанс, музички изведби и доделување признанија, денеска во медијатеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, беше одбележан патрониот празник на установата, по повод 154 години од раѓањето на Гоце Делчев.
Настанот започна со поетски перформанс на тема „За македонските работи“, во изведба на учениците од ОСУ „Јовче Тесличков“ – Велес, под менторство на професорките Жаклина Ивановска Зафирчева и Рената Софијанова Николова. Пред присутните беше прикажан и видеозапис за животот и делото на Гоце Делчев, подготвен од библиотеката.
Во рамки на свеченоста, како и секоја година, библиотеката ги награди читателите со најголем број изнајмени книги. За најмлад читател за 2025 година беше прогласена Теодора Ферина, а за највозрасен читател – Лилјана Ристовска. Признание за најчитател од Одделот за возрасни доби Билјана Стојановска. Во категоријата основно образование награден беше Стефан Тодоровски, во категоријата средно образование Василка Карталова, а за најчитател – студент беше прогласена Драгана Ристова. Признание за најчитател – пензионер ѝ припадна на Снежана Димова. Од организациската единица во Градско, за најчитател од Одделот за деца беше наградена Стефанија Илиева, а за најчитател од Одделот за возрасни – Лилјана Рибарска.

На оваа свеченост беа доделени и дипломите на наградените автори од литературниот конкурс по повод 4 Февруари – Денот на раѓањето на Гоце Делчев, на тема „Корените – тоа сме ние“, во категориите поезија и проза.
Библиотеката традиционално ја истакна и поддршката од сограѓаните кои донираат книги и придонесуваат за збогатување на библиотечниот фонд. Годинава, Благодарница беше доделена на Десанка Николова за нејзината донација и успешна соработка во текот на 2025 година.
















