Мече старо околу три години и тешко 70 килограми е спасено вчеравечер на планината Јакупица, во Велешко, откако било заробено со метална жица околу вратот. Мечето го пронашле ловџии од Ловечкото друштво „Руен“ од Велес.
За спасувачката акција информираше Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), од каде соопштија дека во координираната интервенција учествувале двајца инспектори од Инспекторатот, членови на „Руен“, претставници на Македонското еколошко друштво (МЕД), полициски службеници од СВР Велес и ветеринар од Скопската зоолошка градина.
При прегледот било утврдено дека станува збор за мажјак стар околу три години, со тежина од 70 килограми. Мечето не било во животна опасност, по што било успиено, а металната жица била отстранета.
Настанот бил пријавен во СВР Велес на 18 октомври 2026 година. Според полициските информации, мечката била забележана во месноста Чеплес, во близина на Нежилово, со метална жица околу вратот. За случајот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од СВР Велес.

























