ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес, најголемото државно средно училиште во општината, ја започна новата учебна година со околу 980 ученици, а по повод првиот училишен ден училиштето го посети министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. Божиновска се сретна со директорот на училиштето Горан Богоевски, наставниците и учениците, при што се запозна со наставниот процес, практичната обука и условите во кои се реализира образованието.
На првиот училишен ден, министерката им се обрати на учениците, нагласувајќи дека стручното образование е една од клучните основи за идниот развој на државата, особено во услови на забрзан технолошки и економски развој, кога професионалните знаења и практичните вештини имаат сè поголемо значење.

ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ има повеќе од 60 години традиција во стручното образование, а денес во него се образуваат ученици во машинската, електротехничката, сообраќајната и угостителско-туристичката струка. Учениците можат да се образуваат за повеќе профили, меѓу кои машински техничари, автомеханичари, електротехничари, техничари за компјутерска техника и автоматика, техничари за индустриска мехатроника, техничари за транспорт и шпедиција, готвачи и келнери.
Во рамки на посетата, Божиновска и директорот Богоевски разговарале и за можностите за продлабочување на соработката меѓу Министерството и училиштето, особено во делот на практичната настава и поврзувањето на образованието со реалните потреби на енергетскиот сектор.

Разгледана е и иницијативата за воспоставување поинтензивна институционална соработка, која би овозможила унапредување на образовните процеси, размена на знаења и искуства и создавање дополнителни можности за учениците од „Коле Неделковски“ да стекнуваат практични знаења и искуства поврзани со енергетиката и индустријата.
Со својата традиција, бројот на ученици и широкиот спектар на стручни профили, ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ останува едно од клучните места за создавање на идните стручни кадри во Велес и регионот.






















