Три возила учествувале во тешка сообраќајна несреќа што се случила на 20 јули околу 23:00 часот на регионалниот пат Штип–Велес, при што две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а едно лице е полесно повредено.
Според информациите од СВР Велес, во несреќата учествувале патничко возило „Тојота“ со велешки регистарски таблички, управувано од Б.И. (66) од Велес, патничко возило „Лада“ управувано од Л.Б. (31) од Башино Село, и „БМВ“, управувано од Д.М. (31) од Велес, кое влечело возило „Пинцгауер“ во сопственост на Дирекцијата за заштита и спасување.
Во судирот со тешки телесни повреди се здобиле возачот на „Тојота“-та и неговата сопатничка К.И. (64) од Велес. Полесно повреден е возачот на „БМВ“-то, Д.М. Сите повредени биле пренесени во Општата болница Велес, каде им била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата бил извршен увид од екипа на СВР Велес, а истрагата за причините и околностите на судирот е во тек.