Општина Велес најави дека во понеделник, 15 јуни 2026 година, во раните утрински часови ќе се изврши првото авионско третирање против комарци на подрачјето на општината.
Од локалната самоуправа информираат дека прскањето ќе се реализира доколку дозволат временските услови. Во случај на неповолно време, третирањето ќе биде одложено за првиот нареден ден со соодветни услови.
Со авионската дезинсекција ќе биде опфатено целото градско и приградско подрачје, како и делот од течението на реката Вардар низ Велес и околината.
Границите на третирањето ги опфаќаат подрачјата од Езеро Младост, село Отовица и месноста Јарбош, потоа по течението на Вардар од север од село Башино Село, низ Велес, до вливот на реката Бабуна и село Горно Караслари. Западната граница се протега од населбата Превалец, преку населбата Керамидна, кон фабриката „Киро Ќучук“ и село Горно Оризари.
Како и претходните години, со третманот ќе биде опфатен и рекреативниот центар Езеро Младост со неговата непосредна околина, каде во летниот период има зголемена посетеност.
Општина Велес упатува апел до пчеларите навремено да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на пчелите во периодот на спроведување на авионското третирање.

























