Велес од 9 до 11 октомври ќе мириса на вкусна пита, која ќе се залие со квалитетно вино, но и ќе биде проследена со добра музика. Овогодинешното издание на фестивалот на велешка пита и вино го носи мотото „Вкус што раскажува традиција“, а организаторите веќе ги најавија и првите имиња од музичката програма.
Фестивалот ќе започне во петок, традиционално со најмладите, со настап на децата од велешките градинки, по што следува еден од препознатливите моменти на „Питијада“ – подготовката на џиновската пита пастрмајлија.
Петочната вечер ќе продолжи со музичка програма во која прв ќе настапи велешанецот Тони Андреев, по што на сцената доаѓаат Влатко Миладиноски и Златко Миладиноски со оркестарот. Завршницата на првата фестивалска вечер е резервирана за Влатко Лозаноски – Лозано, кој е најавен како главна музичка ѕвезда.
Сабота, пак, е резервирана за балканскиот поп-звезден спектакл. Пред велешката публика ќе настапи Наташа Беквалац, а пред неа вечерта ќе ја збогатат Марија Спасовска, Ана Петановска и Александар Тарабунов. Беквалац со своите познати хитови се очекува да привлече бројна публика, не само од Велес, туку и од други градови во земјава.
Неделата ќе донесе уште една голема музичка вечер. По барање на бројни велешани, на сцената ќе настапи легендарната „Црвена Јабука“, додека пред нив ќе пее Благица Павловск, Антонија Гиговска и Давид Темелков. Локацијата на одржување е традиционално на местото познато кај велешани како пред „Панини“.
Покрај главната програма, и годинава Фестивалот на велешка пита и вино „Питијада 2026“ ќе понуди дополнителни содржини за посетителите. Од 9 до 11 октомври ќе се одржува есенски базар, на кој ракотворците ќе имаат можност да ги претстават и изложат своите уникатни изработки. Базарот ќе биде поставен на улицата „Благој Ѓорев“, кај влезот на гимназијата.
Во сабота, 10 октомври, со почеток во 11 часот, на потегот од кружниот тек кај „Авона“ до „Бос“ ќе бидат изложени историски автомобили – олдтајмери. Изложбата е во организација на здружението „Kings of the Streets“ и ќе биде можност за љубителите на автомобилите од различни генерации да ги видат возилата одблизу.
Неделата, 11 октомври, е резервирана за љубителите на велосипедизмот. Во организација на „Велес Бајкинг“ ќе се одржи XIII рекреативна велосипедска тура „Veles MTB Tour 2026“, која ќе започне во 10 часот од винаријата „Шато Сопот Македонија“.
Со овие дополнителни активности, „Питијада 2026“ ќе понуди содржини за различни интереси и генерации, покрај традиционалната прослава посветена на велешката пита и виното.























