Крводарителите од Велес и во 2026 година ја продолжија традицијата на хуманост, донирајќи вкупно 104 крвни единици на првата крводарителска акција годинава. Акцијата беше заеднички организирана од Црвен крст на РСМ – Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, а се реализираше со поддршка од Театар „Џинот“, кој ги отстапи своите простории за оваа намена.
Во спроведувањето на акцијата активно учествуваа и шест волонтери од Клубот на млади при Црвениот крст – Велес, кои со својата ангажираност дадоа значаен придонес во организацијата и приемот на крводарителите.
Од Црвениот крст истакнуваат дека одѕивот е доказ дека велешани имаат високо развиена свест за значењето на крводарителството и дека ваквите акции ќе продолжат и во текот на годината, со цел обезбедување доволни резерви на крв за пациентите на кои им е најпотребна.

















