Во рамки на одбележувањето на „Неделата за промоција на хуманите вредности“, Општинската организација на Црвен крст Велес организираше свечена манифестација на која беа доделени признанија и благодарници за истакнати волонтери и крводарители.
Посебна благодарност беше упатена кон младите волонтери кои беа дел од ЦКА – ПХВ програмата за 2025 година. Преку оваа програма, младите разработија и реализираа пет креативни проекти насочени кон подобрување на условите и животот во локалната заедница. За време на свеченоста, беа прикажани видеа од спроведените активности, како потсетник на нивниот ангажман и посветеност кон хуманите вредности.
Свечениот настан беше искористен и за оддавање признание на 22-ца крводарители од Велес кои во текот на 2024 година остварија значајни јубилеи – 50, 75 и 100 дарувања на крв. Со тоа тие не само што покажаа лична хуманост, туку и станаа пример за солидарност и општествена одговорност.
Покрај индивидуалните признанија, благодарници добија и организации и здруженија кои активно придонесуваат за развој и поддршка на крводарителството во општината.