Пожарот кај Казнено-поправната установа Велес – Превалец, кој утринава беше ставен под контрола, повторно се активираше поради засилениот ветер и се прошири кон селото Војница во Општина Чашка.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот бил пријавен околу 09:50 часот. По првичната интервенција, огнената линија била локализирана, но околу 13:00 часот ветерот повторно го разгорел огнот, овозможувајќи негово ширење на поголема површина.
На терен интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица Велес, а во гаснењето е вклучен и ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување. Според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, во акцијата учествуваат 10 пожарникари со три противпожарни возила, доброволци од Доброволното противпожарно друштво „Бабуна“, вработени од ЈКП „Тополка“ од Чашка и екипи од Шумското стопанство „Бабуна“ од Велес.
Огнот зафатил површина обрасната со сува трева и нискостеблеста деградирана шума, а надлежните служби внимателно ја следат состојбата поради неповолните временски услови.
Поради пожарот, од 14:30 часот целосно е затворен за сообраќај регионалниот пат Р-1312 Велес – село Извор.
Од Авто-мото сојузот на Македонија информираат дека сообраќајот се пренасочува по алтернативен пат преку селото Горно Оризари.






















