Искршени надгробни плочи, турнати споменици и уништени гробни обележја се затекнати во внатрешниот двор на црквата „Свети Спас“ во Велес, каде повторно е регистриран случај на вандализам.
Посетителите кои дошле да ги посетат вечните почивалишта на своите блиски се соочиле со оштетени гробни места, искршени плочи и споменици целосно турнати или изместени од нивните постаменти. Уништени се и вазни, садови и други обележја што семејствата ги оставиле на гробовите.
Ова не е прв ваков инцидент на локацијата. Во изминатите години граѓаните повеќепати реагирале на оштетувања и кражби на метални огради и настрешници, како и на прекопување гробни места од страна на лица кои, според досегашните пријави, барале злато и накит.





















