Трендот на намалување на бројот на ученици не го одминува ниту Велес. Според компаративната анализа на бројот на ученици во велешките основни и средни училишта, во учебната 2026/2027 година во основното образование ќе има 72 ученика помалку во споредба со минатата учебна година.
Во седумте основни училишта опфатени со анализата, бројот на ученици од 4.167 во учебната 2025/2026 година се намалил на 4.095 ученици за учебната 2026/2027 година.
Најголемо намалување има во ООУ „Блаже Конески“, каде бројот на ученици од 986 се намалува на 955, односно за 31 ученик. Во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ има 15 ученици помалку, во „Васил Главинов“ 17 помалку, а во „Стојан Бурчевски – Буридан“ бројот се намалува за девет ученици. Намалување има и во ООУ „Лирија“, додека бројот на ученици во „Рајко Жинзифов“ останува ист. Од друга страна, „Панко Брашнаров“ бележи зголемување од шест ученици.

Сликата е нешто поинаква во средното образование. Таму бројот на ученици се зголемува за 18, од 2.052 во учебната 2025/2026 на 2.070 ученици во учебната 2026/2027 година.
Најголем пораст има во Гимназијата „Кочо Рацин“, каде бројот на ученици од 377 се зголемува на 414, односно за 37 ученици. Во останатите три средни училишта има намалување: во СОУ „Димитрија Чуповски“ за 11 ученици, во „Јовче Тесличков“ за седум, а во „Коле Неделковски“ за еден ученик.

Податоците покажуваат дека намалувањето на бројот на ученици е поизразено во основното образование, додека кај средношколците Велес бележи благ пораст. Тоа значи дека во новата учебна година велешките основни училишта ќе ја започнат наставата со помал број ученици, иако средните училишта вкупно ќе имаат 18 ученици повеќе.






















