Видлива пролиферација на алги, пена и голема количина биомаса се забележани при санитарно-хигиенскиот увид на езерото Младост, поради што Центарот за јавно здравје Велес препорачува водата да не се користи за капење и рекреација додека не се направат дополнителни испитувања.
Во извештајот за здравствената безбедност на водата, изработен од ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес, се наведува дека анализираните примероци од езерото Младост, земени на 19 август 2026 година, покажале одлична оценка во однос на микробиолошките индикатори. Сепак, санитарно-хигиенскиот увид покажал состојба која бара дополнително испитување.
Според стручниот наод, во езерото е забележана видлива пролиферација на алги, појава на пена и голема количина на биомаса – густи, лифтиести и сунѓерасти наслаги со жолто-кафеава боја, кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата. Токму поради овие наоди, Центарот за јавно здравје Велес во стручното мислење јасно наведува дека водата не смее да се користи за капење и рекреација додека не се изврши испитување од стручна институција.
Целта на дополнителното испитување е да се докаже дека во водата нема цијанобактерии и дека не содржи цијанотоксини, односно материи кои можат да претставуваат ризик за здравјето. Хемиските анализи, пак, покажале дека водата по одредени параметри одговара на четврта класа, по присуство на амонијак, на трета класа по однос на матноста и сувиот остаток, додека останатите испитувани параметри се во втора и прва класа.
Извештајот се однесува на две мерни места на езерото Младост – „Плажа Хотел Романтик“ и „Градска плажа“, а примероците биле земени на 19 август, додека лабораториското тестирање било завршено на 25 август 2026 година.






















