Од 1 до 6 јуни, Велес ќе биде домаќин на петтото, јубилејно издание на „Спортски игри Велес“, спортска манифестација која во изминатите години прерасна во еден од најзначајните и најмасовни спортски настани во Македонија, со учество на спортисти и гости од повеќе земји.
Во пресрет на јубилејното издание, денеска директорот на „Спортски игри Велес“, Љупчо Црвенпанов, заедно со Гордан Јорданов, остварија работна средба со градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев. На приемот беа прецизирани организациските активности и следните чекори поврзани со реализацијата на настанот, при што беше потврдена континуираната поддршка на Општината за вакви спортски манифестации.
„Кога визијата станува традиција, се слави јубилеј. Пет години спорт, заедништво и континуитет го позиционираа Велес како еден од најважните спортски центри во Македонија. Она што започна како идеја, денес е препознатлив спортски настан и надвор од државните граници“, соопшти Гордан Јорданов.
Јорданов упати благодарност до градоначалникот Марко Колев, Министерот за спорт Борко Ристовски, како и до сите институции, компании, партнери, волонтери и поддржувачи кои континуирано придонесуваат за успешна реализација на спортските игри.

















