Здружението на граѓани „Разбој“ – Велес продолжува со одбележувањето на својот значаен 20-годишен јубилеј, а во рамки на јубилејната програма на 24 септември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во Медијатеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, ќе се одржи промоција на новата веб-страница на здружението и краткометражен документарен филм посветен на 20-годишното дејствување на „Разбој“.
Филмот е авторско дело на Христијан Саздовски, кој е автор и режисер, а проектот е создаден со цел преку филмскиот медиум да се претстави дел од работата, активностите и придонесот на здружението во зачувувањето и негувањето на културното наследство.
Во рамки на филмскиот проект се користени и делови од филмскиот материјал на Гоце Станчев, посветен на грнчарството, во кој се обработуваат и теми поврзани со работата на ЗГ „Разбој“.
Настанот претставува уште една активност од програмата по повод 20 години постоење и работа на ЗГ „Разбој“ – Велес, здружение кое од своето основање во 2006 година работи на зачувување, негување и афирмација на културното наследство. На настанот се очекува присуство на членови, соработници, пријатели и поддржувачи на здружението, како и граѓани кои се заинтересирани за културното наследство и активностите на „Разбој“.























