Центарот за управување со кризи информира дека обилните врнежи од дожд во изминатото деноноќие предизвикале значително зголемување на водостоите на реките на повеќе локации низ државата, како и појава на локални излевања, поплавени објекти и одрони.
Во велешкиот регион, регистрирани се одрони и паднато дрво на два патни правци, поради што сообраќајот се одвива отежнато. Реката Вардар, која во овој дел од градот е на исклучително висок водостој, претставува потенцијална опасност за излевање, особено во близина на автобуската станица.
Од ЦУК апелираат граѓаните да избегнуваат движење покрај речни корита, мостови и поплавени површини, да ги следат насоките на надлежните служби и, доколку забележат било каква опасност, веднаш да пријават на единствениот број за итни повици – 112.
Сите релевантни институции се навремено известени и веќе работат на преземање мерки за санација и заштита на населението и инфраструктурата.

















