Премиерот Христијан Мицкоски нема да прифати пред зборовите македонска нација да стои зборот „сегашна“ во извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија, како што предлагаат пратеници од ГЕРБ. Предлогот за додавање на зборот сегашна, премиерот Мицкоски смета дека е обид за создавање нова, вештачка македонска нација.
За ВМРО-ДПМНЕ, ваквото барање воопшто не е изненадување оти Бујар Османи и Димитар Ковачевски прифатиле сè што им било сервирано на маса со францускиот предлог и со тоа оставиле можност за сегашните барања на Бугарите. Премиерот Мицкоски сега вели дека Европа е на потег да даде одговори и да ја исправи историската неправда, што лековерно ја прифатиле Османи и Ковачевски.
„Вистината е таа дека официјална Софија никогаш не се препакува и остана во суштина да биде слеп заложник на политиките на живковизмот. Тоа е суштината, создавање нова сегашна македонска нација, која почива на основите на бугарската нација. Тоа е суштината зад сето ова. Нема врска со неколку стотини наши граѓани во преамбулата. Тоа е само пред завесата. Зад завесата ова е суштината. Секој оној што не верува во ова или е политички аналфабет или свесно сака да ги манипулира граѓаните“, рече премиерот Мицкоски.
Во нацрт-верзијата на извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјата првпат се споменува посебен македонски идентитет и посебен македонски јазик. Извештајот ќе се гласа в среда, 4 јуни.