Во најновото издание на Henley Passport Index, кој рангира колку е „моќен“ еден пасош според бројот на земји во кои носителот може да патува без виза, Македонија се најде на 42. место. Македонските државјани моментално имаат безвизен пристап до 129 дестинации ширум светот.
Овој индекс, кој се објавува веќе 20 години, е јасен показател за глобалната мобилност што ја уживаат државјаните на одредени земји. Она што го прави еден пасош „моќен“ е токму можноста за слободно патување, без потреба од визни постапки, кои често знаат да бидат долги, скапи и комплицирани.
Оваа година донесе историски пресврт, американскиот пасош, кој со години важеше за еден од најсилните во светот, за првпат целосно испадна од листата на топ 10 најмоќни пасоши. САД сега се наоѓаат на 12-то место, изедначени со Малезија.
На врвот на листата доминираат азиските држави. Сингапур го зазема првото место со безвизен пристап до 193 дестинации, следен од Јужна Кореја со 190 и Јапонија со 189. Разликата во мобилноста е драстична кога ќе се погледне дното на табелата – Авганистан е на последното, 106-то место, со пристап без виза до само 24 земји, што е дури 169 дестинации помалку од врвот. Сирија и Ирак се веднаш над него, со 26, односно 29 дестинации.
Henley Passport Index, кој се базира на ексклузивни податоци од IATA (Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт), редовно се ажурира квартално и се смета за една од најрелевантните светски референци за глобална патна слобода и геополитички трендови