Македонската репрезентација го заврши настапот на Светското првенство во кајак спуст на диви води што се одржа во Бања Лука на реката Врбас, во кањонот Тијесно, каде учествуваа натпреварувачи од повеќе од 30 држави од пет континенти.
Најдобар пласман во сениорска конкуренција оствари Благој Гугинов, кој го освои 20. место меѓу 70 натпреварувачи и за малку остана без пласман во големото финале, каде настапуваат најдобрите 15 кајакари во светот.

Љубомир Спасиќ настапот го заврши на 29. место во сениорска конкуренција, но успеа да освои бронзен медал во категоријата Masters 35+, носејќи медал за Македонија од светскиот шампионат. Александар Златаров се пласираше на 38. место.

Солиден резултат македонските кајакари остварија и во тимската трка. Составот во кој настапија Гугинов, Спасиќ и Златаров го освои 9. место во светот, што претставува еден од позначајните резултати за македонскиот кајак на ова првенство.

За прв пат на Светско првенство во кајак спуст настапи и Марија Пановска, која во силна конкуренција го освои 41. место.

























