Времето кога јавната администрација беше сведена на политички плен, кога владееја партизација, страв, реваншизам и клиентелизам, заврши, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешниот настан „Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“.
Мицкоски ја обвини претходната влада дека оставила демотивирани службеници со нарушена доверба, кои со години чекале за соодветни системи за обука.
„Да се потсетиме каде бевме: неодамна, јавната администрација беше сведена на политички плен. Наместо развој – партизација. Наместо мотивација – страв и реваншизам. Наместо обука – клиентелизам. Тоа време заврши“, рече премиерот.
Тој вети дека администрацијата повеќе нема да биде партиски плен, туку ќе се трансформира во професионален и ефикасен сервис за граѓаните.
„Ние сме генерацијата што ја презема иницијативата и сака да ја донесе Европа дома – преку современ јавен сектор. Времето на Македонија е сега. Мора да ја извлечеме државата од мракот на партизацијата и да ја однесеме во светлината на европската иднина“, додаде Мицкоски.