Министерството за здравство денеска објави дека, согласно прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), се активира Фаза 3 од Акцискиот план за заштита од топлотни бранови, со цел превенција од последиците врз здравјето на населението. Оваа фаза ќе биде на сила до 8 јули.
Фаза 3 се активира кога температурите го надминуваат прагот за опасни горештини и кога има барем два последователни дена со појава на топлотен бран. Според надлежните, во овој период се очекуваат екстремно високи температури кои претставуваат сериозна закана по здравјето, особено кај ранливите категории граѓани.
На предлог на Министерството, Владата донесе сет препораки насочени кон заштита на населението:
Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години, со исклучок на вработените во критична инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика и јавни комунални претпријатија).
Одложување на работни активности во периодот од 11:00 до 17:00 часот за лица кои работат на отворено и се изложени на директна топлина.
Флексибилно работно време, работа од далечина или двократна организација на работниот ден, таму каде што е можно.
Работодавачите се задолжуваат да обезбедат простории со микроклиматски услови, со температура до 25°C, освен ако природата на работата не дозволува такви услови.
Активирање на плановите за вонредни услови во сите здравствени установи, домови за стари лица и образовни институции, кои треба да постапуваат според интерните кризни протоколи.
Министерството апелира до граѓаните да избегнуваат непотребни активности на отворено во критичните часови од денот, да внесуваат доволно течности и да ја следат официјалната комуникација за понатамошни препораки и мерки.