Предлогот на Левица за намалување на патните трошоци на пратениците денеска не го помина ниту првиот филтер во Собранието, откако владејачкото мнозинство не даде поддршка точката да биде ставена на дневен ред на седницата.
„ДПМНЕ не го изгласа предлог-законот на Левица за намалување на патните трошоци на пратениците. Честито нови милиони евра, колеги патриоти. Со здравје да си ги трошите“, порача Димитар Апасиев од Левица.
Апасиев апармираше дека во изминатите четиринаесет години со 6,5 милиони евра народни пари, можеше да се изгради целосно нова болница, да се обноват сите студентски домови во земјава или да се изградат 10 нови градинки. Според пресметките на партијата, „за удобното патување на претставниците во законодавниот дом, во изминатата 2024 година се потрошени 300 илјади евра, што е за 20 илјади евра повеќе во споредба со 2023 година. Во периодот од 2010 до 2024 година, само за патни трошоци, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ земале 3.700.000 евра, на СДСМ 2.000.000 евра и на ДУИ 680.000 евра.
Предлогот на Левица беше патните трошоци на пратениците да се пресметуваат според пазарната цена на 6,5 литри гориво на секои изминати 100 километри, место како досега по 20 проценти од малопродажната цена на горивото по километар.
За да биде ставен на дневен ред предлогот за измени на Законот за пратениците, „за“ гласаа само 22 пратеници од Левица и СДСМ и коалицијата.
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија отсекогаш се залагал за рационално и одговорно трошење на парите на граѓаните. Уште во 2018 година, кога СДСМ беше власт, на иницијатива на нашата пратеничка група беа поднесени и донесени законски измени со кои патните трошоци се намалија за најмалку една третина. Нашиот пристап кон ова прашање отсекогаш бил принципиелен и одговорен а не популистички. Суштината на работата на секој пратеник е да им служи на граѓаните, и на секој можен начин да води грижа што повеќе пари да бидат насочени кон потребите на граѓаните кои живеат се потешко“, се вели во соопштението на СДСМ.
Опозициската партија смета дека се потребни дополнителни законски измени кои ќе предвидат: воведување механизам за поголеми казните за можни злоупотреби на патните трошоци, како и воведување на ограничување со кое пратеници кои имаат станови во Скопје нема да имаат основа за наплата на патни трошоци.